Руската амбасада: Нема основа ниту докази дека Москва сака конфликт меѓу Македонија и Бугарија

од Nikola Popovski
179 прегледи

„Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во Босна и Херцеговина и во српската автономна покраина Косово и Метохија, не може да се прецени“. Вака реагираа денеска од Руската амбасада во Македонија на интервјуто на шефот на дипломатијата Бујар Османи за РСЕ.

Османи во интервјуто рекол дека „Руската федерација има интерес да ги држи живи конфликтите на ова поднебје“.

Од Амбасадата додаваат дека секогаш постапуваат во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

-Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски. Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти, посочуваат од таму.

Руската амбасада ги повикува медиумите во Македонија Њна одговорен и професионален пристап при објавување вести и аналитички материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика, кои отворено ги декларираме – интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање во предвид меѓусебните интереси“.

Министерот Османи во интервјуто пред неколку дена на прашањето „дали руската разузнавачка служба ги „поткопува“ македонско-бугарските односи“, одговорил:

-Има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам, именувајќи ја Руската федерација.

Слични содржини