Руската амбасада: Ѝ понудивме на македонската Влада да ја набави вакцината „Спутник V“, се уште нема одговор

од Nikola Popovski
427 прегледи

Економскиот советник во Амбасадата на Руската федерација во Македонија, Владимир Хрисанфов изјави дека уште на почетокот на есента и понудиле на македонската Влада да се воспостави контакт со рускиот Фонд за директни инвестиции и да се преговара за можноста за набавка на руската вакцина.

„Министерот за здравство Венко Филипче нѐ информираше дека лицето за контакт за ова прашање ќе биде професорката Александа Грозданова, шеф на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство. На професорката Грозданова ѝ беа дадени сите потребни податоци за контакт. Исто така и беше испратено писмо од претставникот од рускиот Фонд за директни инвестиции кое за жал остана без одговор. Што се однесува до времето на испорака, ова директно ќе зависи од тоа кога ќе биде доставено барањето и резултати од преговорите во овој контекст“, соопшти Хрисанфов за Дневникот на Сител Тв.

Запрашан за тоа кои земји ја нарачале досега, Хрисанфов истакна дека повеќе од 50 земји испратија барања за набавка на над 1,2 милијарди дози Спутник V.
„Меѓу нив е Аргентина, каде вчера стигна првата и многу голема испорака на вакцината, а вакцинирањето ќе почне пред 31 декември. Исто така вакцината ја набавија Босна и Херцеговина, Бразил, Унгарија, Венецуела, Египет, Индија, Индонезија, Република Кореја, Мексико, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Филипини. Вакцината за набавка на странски пазари ќе се произведува кај меѓународни партнери на Рускиот фонд за директни инвестиции во Индија, Бразил, Кина, Република Кореја и други земји“, изјави тој, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се вакцинира кога ќе дојде време за неговата возрасна група.
„Тој дефинитивно ќе се вакцинира понатаму“, посочи Хрисанфов.

Слични содржини