Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска поконкретно информира за адресите од каде што пристигнуваат дојавите за лажни бомби, кои во последниот период беа наменети и требаше да предизвикаат паника и страв во повеќе основни и средни училишта. Како што истакна првиот полицаец, последните закани за поставени бомби доаѓаат од Иран и Русија.
„Локално“ испрати прашања до руската и иранската амбасада во земјава со цел да ја дознаеме нивната реакција, но и дали имаат некакви информации околу испраќањето на лажните дојави. До моментот на објавување на текстот не добивме одговори од двете амбасади.
Спасовски утринава во дебатна емисија порача дека дојавите за бомби не се само на територија на Република Северна Македонија, туку и Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Нов Зеланд, САД.
Министерот истакна дека интензитетот кој се зголемува од руската инвазија врз Украина, доволно говори дека станува збор за еден спој на структури кои не се само од внатрешноста, од државата, туку и надвор од неа.
-Генерално, за последните неколку дојави, можам да констатирам дека мејловите кои се испратени водат до IP адреси од Иран, Русија, како и VPN адреси чии провајдери се, исто така, од овие држави. Интересно е што уплатите за VPN услуги се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност, кажа Спасовски.
При секоја нова дојава, учениците и вработените се евакуираат, а МВР врши проверки. Првата дојава се случи на 26-ти октомври минатата година, истиот ден кога во посета на Македонија и Скопје беше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Следуваа уште дојави до трговски и деловни центри, државни институции, спортски објекти, сали и хотели, а содржината во мејловите беше различна од секоја претходна. Надлежните постојат потенцираат дека станува збор за хибридни закани.