Руската истражувачка новинарка Елена Милашина претепана во Чеченија

од Stefanija Kuzmanovska
460 прегледи

Наградуваниот руски истражувачки новинар за „Новаја газета“ и еден адвокат биле жестоко претепани од вооружени лица за време на патувањето во Чеченија, објави групата за човекови права „Тим против тортура“ на 4 јули.

Новинарката Елена Милашина и адвокатот Александар Немов моментално се во болница во Грозни, пишува рускиот сервис на РСЕ.

Тие се здобиле со повеќе повреди, објави групата за човекови права.

„На Милаша ѝ се скршени прстите и повремено губи свест. Има модринки по целото тело“, објави групата на социјалните мрежи, додавајќи дека Немов бил прободен со нож во ногата.

Според Немов, напаѓачите нему и на Милашина им рекле да си заминат: „Тргнете се одовде, предупредени сте. Ништо да не сте напишале“.

Милашина и Немов заминаа во Чеченија за да го придружуваат објавувањето на пресудата за Зарема Мусаева, која чеченската полиција ја киднапираше од рускиот град Нижни Новгород во јануари 2022 година.

Пресудата треба да биде објавена денеска.

Немов е адвокат на Мусаева и заедно со неа требаше да се појави на суд.

Милашина „физички не може да го продолжи своето службено патување“, изјави „Новаја Газета“ за порталот „Медуза“.

Руската комесарка за човекови права Татјана Москалкова интервенираше на барање на „Новаја Газета“. Советот за човекови права и Здружението на новинари на Русија известија дека ќе има повеќе информации за деталите за нападот. Оттаму изразија надеж „дека сторителите ќе бидат казнети“.

Властите во Чеченија веднаш не го коментираа случајот.

Слични содржини