Француските обвинители го истражуваат наводното труење на руската новинарка која побегна во земјата откако на телевизија во живо ја осуди војната во Украина. Марина Овсијаникова повикала брза помош и била хоспитализирана откако ненадејно ѝ се слошило додека го напуштала својот стан во Париз и рекла дека се сомнева дека е отруена, соопшти париското обвинителство.
Полицијата извршила претрес во нејзиниот стан, а истрагата е во тек. Организацијата за набљудување на медиумите, Репортери без граници, која ѝ помогна на Овсијаникова да избега од Русија и да се пресели во Франција, рече дека нивниот тим бил со неа откако таа побарала лекарска помош. Групата, позната и по францускиот акроним RSF, немала дополнителни информации за тоа што се случило.
Русија ја осуди на 8 и пол години затвор
Овсијаникова, која работеше за руската државна телевизија Канал 1, привлече меѓународно внимание во март 2022 година, откако се појави зад водителка на вечерни вести со натпис: „Стоп за војната, не верувајте во пропагандата, ве лажат“.
Таа беше обвинета за навреда на руската армија и казнета со 30.000 рубљи (270 долари). Таа подоцна организираше протест во близина на Кремљ во јули 2022 година, беше приведена и ставена во домашен притвор пред да побегне во Франција со својата ќерка.
На почетокот на овој месец, московскиот суд во отсуство ја осуди на осум и пол години затвор поради ширење лажни информации за руската војска. Тоа беше најновиот пример на руското задушување на несогласувањето, кое се интензивираше откако Русија ја нападна Украина пред речиси 20 месеци.