Рускиот бизнисмен Олег Викторович Бојко, кој се наоѓа на листата за санкции на три земји, поради поддршката на руската инвазија врз Украина, поседува фирма за брзи кредити во Македонија, објави РСЕ.
Бојко е санкциониран во Украина, Канада и Австралија, а американското Министерство за финансии го стави на таканаречената „Листа на Путин“, во која се наоѓаат руски олигарси блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
Бојко поседува компании за брзи кредити во над 30 земји во светот. Фактот што е санкциониран од повеќе земји и дека некои негови компании се вмешани во скандали не го спречува Бојко да работи во Македонија.
Тој во нашата земја преку „Digital Finance International“ поседува филијали за брзи кредити познати како „Forza“ и „Kreddy“, а неодамна неговата фирма ја најавува и продавницата за брзи пари „Hipokredit“ со кој може да се подигне кредит до 65 илјади евра со залог од недвижен имот со рок на отплата до 15 години.
Со депозит од половина милион евра, компанијата „Digital Finance International“ е регистрирана во Централниот регистар во 2016 година.