Веста на социјалните мрежи ја објави Олег Синјегубов, началник на Харковската обласна воена администрација, а ја пренесе „Украинска правда“.
Детали за нападот
Синјегубов првично информираше за две жртви. „Руската војска изврши напад со дрон врз цивилно возило во близина на селото Прудијанка, во Харковскиот округ. Во непријателскиот напад загинаа две лица“, напиша тој.
Тој додаде дека уште четири жени биле повредени и пренесени во болница, каде што им била укажана неопходна медицинска помош. Подоцна, Синјегубов потврди дека една од повредените жени им подлегнала на повредите.
„Лекарите се бореа за нејзиниот живот до самиот крај“, наведе тој.
Харковската обласна воена администрација соопшти и дека во изминатите 24 часа седум населени места во областа биле изложени на руски напади, при што пет лица биле ранети.