Независен руски новинар е обвинет за финансирање на екстремистичка организација бидејќи донирал мала сума пари на фондацијата формирана од уапсениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, објавија руските медиуми.
Тоа е првото јавно познато обвинителство за донации за организациите на Навални откако минатото лето беа прогласени за екстремисти и незаконски.
Колегите на Андреј Зајакин изјавија дека тој вчера бил уапсен во неговиот стан во Москва и денеска изведен на суд.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до осум години.
Според Центарот за одбрана на масовните медиуми, група за човекови права која помага во одбраната на Зајакин, истражителите го обвинуваат новинарот дека донирал 1.000 рубљи (околу 16 евра) за антикорупциската фондација на Навални.
Зајакин, кој пишуваше за независниот руски весник „Новаја Газета“ и други публикации, ја помина ноќта во ќелија.
Судот денеска го одобри барањето да му се воведуе полициски час од 20 до 8 часот, да му се забрани да користи интернет и телефон и да комуницира со други лица инволвирани во случајот.