Руски опозиционер ослободен од притвор

од Stefanija Kuzmanovska
302 прегледи

Руската полиција вчера го ослободи од притвор опозицискиот политичар Дмитриј Гудков, откако го уапси пред два дена, а неговиот татко Генадиј Гутков, кој е надвор од Русија, објави дека против него е поведена кривична постапка.

На 1 јуни, властите го уапсија поранешниот заменик на Дума и истакнат либерален опозициски политичар Дмитриј Гудков во близина на градот Коломна, околу 120 километри југозападно од Москва, по претрес на 10 различни локации, а според Истражниот комитет, околу 140 службеници за спроведување на законот биле дел од операцијата.

Тој беше приведен од полицијата под обвинение за „предизвикување материјална штета со измама“ за неплатен долг за изнајмен имот пред неколку години, а неговиот татко Генадиј Гудков, поранешен руски пратеник и критичар на Кремљ што живее во странство, рече дека неговиот син нема никаква поврзаност со тој деловен простор и дека дознал за наводно неплатениот долг во притвор, пренесува „Ројтерс“.

Тој рече дека руските власти денеска покренале кривична постапка против него поради муницијата за пиштолите пронајдени во сефот при полицискиот претрес во станот на Гудкови оваа недела.

Генадиј Гудков, кој моментално живее во Бугарија, рече дека станува збор за награда што ја добил во 2005 година и дека полицијата била претходно известена и ги обвини властите за отворање на случај, за кој немало официјална потврда, за да го спречат неговото враќање во Русија.

Рускиот суд во средата донесе одлука за продолжување на притворот на опозицискиот активист Андреј Пивоваров, кој беше уапсен во понеделникот на аеродромот во Санкт Петербург, за уште два месеца, додека го чека судењето.

Слични содржини