Руски политичар го слушаше говорот на Путин со шпагети на ушите, сега мора на суд (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
112 прегледи

Рускиот политичар Михаил Абдалкин ќе се појави на суд следната недела за да се соочи со обвиненијата дека ги дискредитирал вооружените сили со објавувањето на видео. На споменатата снимка, Абдалкин може да се види како го слуша говорот на рускиот претседател Владимир Путин за состојбата на нацијата, додека во исто време над неговите уши висат шпагети.

Абдалкин, претставник на Комунистичката партија во регионалниот парламент на Самара, го направи споменатиот потег затоа што во руската традиција закачувањето тестенини на ушите симболизира дека личноста е измамена.

Тој на социјалните мрежи објави дека градскиот суд во Новокујбишевск ќе го разгледа неговиот случај на 7 март.

„Ќе се бориме да ја докажеме мојата неинволвираност и невиност“, рече Абдалкин, кој претходно бил укорен од неговата партија за споменатиот испад.

Откако ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ја интензивираше својата акција против јавното несогласување, наметнувајќи парични и затворски казни за дискредитација на вооружените сили преку изразување негативни ставови.

Патем, обраќањето на Путин за состојбата на нацијата на 21 февруари, кое траеше речиси два часа, не вклучуваше никакви големи политички најави освен суспензијата на учеството на Русија во нејзиниот најнов договор за контрола на нуклеарното вооружување со САД, пишува Ројтерс.