За време на вчерашниот собир на црноморските држави во Анкара дошло до конфликт меѓу украинскиот и рускиот пратеник, пренесува „Ројтерс“.
Во видеото кое украинскиот пратеник Олександар Мариковски го објави на својот Фејсбук, може да се види како тој го развиорил знамето на својата земја за време на обраќањето на главниот руски пратеник во коридорот на турскиот парламент, каде се одржува состанокот на Црноморската економска соработка (БСЕК).
Во еден момент до него дошол член на руската делегација и на Мариковски му го извлекол украинското знаме од рацете и го искинал на едно место. Мариковски потоа го нападнал, го удрил неколку пати по лицето и го зел знамето на неговата држава.
„Тргни ги шепите од нашето знаме, тргни ги шепите од Украина, руско копиле“, напиша Мариковски во описот на видеото на Фејсбук.
„Ројтерс пишува дека пред овој конфликт, дел од украинските пратеници се расправале со обезбедувањето кое се обидело да ги оддалечи од главната руска делегација, покрај која протестирале Украинците.
Турција го осуди инцидентот
Фотографии од инцидентот беа објавени на страниците на турскиот парламент, а Мустафа Шентоп, претседателот на турскиот парламент, го осуди настанот.
„Го осудувам ваквото однесување што ја нарушува мирната атмосфера што Турција се обидува да ја воспостави“, рече Шентоп.