Руски проектил влегол во Полска? Нови детали за инцидентот

од Nikola Popovski
280 прегледи

Началникот на Генералштабот на полската армија, Веслав Кукула, навел дека сè укажува на тоа дека воздушниот простор на земјата утрово бил нарушен од руски проектил, објави „Блумберг“.

По итниот состанок во тамошното Биро за национална безбедност, Кукула нагласил дека дополнително ќе се проверува.

– Утрово полскиот воздушен простор беше нарушен од објект откриен од нашите системи. Сите преземени дејствија се преземени согласно процедурата за постапување во вакви ситуации. И полскиот и сојузничкиот систем функционираа, рече Кукула и додаде дека Варшава е во постојан контакт со сојузниците.

Началникот на Генералштабот на полската армија посочува дека проектилот бил следен на радарот.

Засега нема докази дека ракетата паднала на територијата на Полска.

– Тоа е само техника, пристапуваме со резерва, решивме да ја провериме на терен. Испративме групи да ја проверат патеката на летот. Беше тешка ноќ за Украина. Тоа беше комбиниран напад за да се надмине нивната противвоздушна одбрана користејќи ударни дронови, но Украина се справи релативно добро. Потоа дојде ракетниот напад. Ракетите се лансирани од Каспиското Море, додал началникот на Генералштабот.

На брифингот со новинарите било кажано дека биле испратени авиони за пресретнување на проектилот. Меѓутоа, проектилот успеал да го напушти полскиот воздушен простор. Се додава дека објектот се задржал над Полска околу три минути. Наводно, нарушен е околу 40 километри простор во Лублинското војводство.

Претседателот Анджеј Дуда разговарал со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за нарушувањето на полскиот воздушен простор.

Русија во текот на ноќта ја нападна Украина со 158 беспилотни летала и проектили во еден од нејзините најголеми воздушни напади од почетокот на инвазијата, чија цел била критична инфраструктура, индустрија и воени објекти, соопшти украинската војска.

Слични содржини