Ривалството меѓу САД и Русија во политичката и воената сфера ќе остане и за време на мандатот на новиот американски претседател Џо Бајден, нема да има чекор напред во односите меѓу двете земји, смета шефот на меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација Константин Косачов.
„Претпоставувам дека за време на следниот претседател, односите на САД со околниот свет, вклучително и Русија, ќе бидат изградени врз истиот принцип – ‘Америка пред сè’, без оглед на тоа која нова реторика ја придружува. Соодветно на тоа, нема да има чекор напред во руско-американските односи и ќе се зачува силното ривалство во политичката и воената сфера, како и конкуренцијата во економската сфера“, изјави рускиот сенатор за „Спутник“.
Според него, Русија треба да биде подготвена на тоа, со свесност дека тој натпревар не треба да биде нефер, и дека ривалството не може да се обезбеди со нелегални методи, како што тоа го правеа сите американски администрации, без исклучок, во последните неколку години.
Косачов потсети дека и претходниците на Бајден – Барак Обама и Доналд Трамп ги започнаа своите претседателски мандати со ветување дека ќе ја ревидираат надворешната политика на нивните претходници и ќе започнат да го потврдуваат американското раководство со демонстрација на нивните достигнувања, а не со наметнување на нивните сопствени интереси.
„Бајден досега не даваше такви изјави, и тешко дека ќе го стори тоа. Прво, бидејќи САД имаат сè помалку свои достигнувања, Американците почнуваат да губат во глобалната конкуренција, компензирајќи го високиот стандард на живеење на своите граѓани со баналното зголемување на јавниот долг. Второ, САД можат да ја обезбедат својата доминација во светот само со брутално наметнување на своите интереси – и на сојузниците и на противниците“, објаснува Косачов.
Како што заклучи, во таа смисла, „Бајден има уште помала слобода на маневрирање во надворешната политика од неговите претходници“.