Руски војници се предале на украински вооружен робот

Како што руската инвазија врз Украина влегува во четвртата година, далечински управуваните копнени роботи стануваат сѐ почеста појава на боиштата. Украина се позиционира како светски лидер во развојот на беспилотни копнени возила (UGV), што, според одбранбениот тинк-тенк Jamestown Foundation, ѝ овозможува на војската да координира роботско војување со намалени човечки загуби.

од desk4
14 прегледи

На социјалните мрежи деновиве се прошири видео-снимка која наводно прикажува момент кога двајца руски војници се предаваат на украински вооружен робот, пренесува Futurism.

Снимка од боиштето

На видеото се гледа како двајца руски војници, со кренати раце, излегуваат од објект и се предаваат на вооружениот робот.

Украински борбен дроид

Според украинскиот воен портал Militarnyi, станува збор за извидувачко-ударна копнена единица со назив Droid TW, произведена од украинската одбранбена компанија DevDroid. Роботот, со големина на машина за перење алишта, користи вештачка интелигенција за автономно препознавање цели и е вооружен за истрелување муниција од калибар 7,62 мм.

Првично, Droid TW бил развиен по барање на Првата медицинска баталјонска единица на украинската армија, со цел евакуација на ранети под интензивен оган, но според објавената снимка, војската му нашла и дополнителна намена.

Сѐ поголема улога на роботите

Од Jamestown Foundation наведуваат дека украинските UGV-системи „сѐ повеќе го заменуваат пешадиството во високоризични мисии, обезбедувајќи постојана огнена моќ, инженерска поддршка и отпорност на електронско војување, теренски предизвици и долготрајни операции“.

Украина значително ги унапреди своите капацитети во оваа област, па денес околу 40 украински одбранбени компании произведуваат 99 проценти од беспилотните копнени возила во земјата. Како што минатата година објави The Economist, постојат околу 200 различни модели вакви роботи – од противдронски ласерски системи со вештачка интелигенција, до копнени платформи опремени со митралези.

Дел од роботите можат да поставуваат противтенковски мини, да транспортираат големи количини материјал до првите линии на фронтот или да обезбедуваат поддршка при извлекување ранети под тешка артилериска паљба. Украина, исто така, добива поддршка и од западни одбранбени компании, меѓу кои и германската ARX Robotics, која произведува флота од мали беспилотни возила налик на тенкови.