Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски појаснува дека Северна Македонија е дел од НАТО алијансата и ги преземаме политиките со сојузниците.
-Тука сме на чисто и јасно. Ги следиме активностите околу хибридните закани и се она што се презема како протерувањето на дипломатите е во насока дека нашите служби добро си ја работат во заштита на интегритетот, суверенитетот, безбедноста на земјата. Знаеме зошто дипломатите се протерани, но едноставно речено тоа е поради излегување надвор од надлежностите на нивниот дипломатски мандат, рече Спасовски во емисијата „Клик плус“.
Уште пет руски дипломати кои, според македонското МНР, извршувале активности спротивни на Виенската конвенција се прогласени за непожелни во земјата, соопшти министерството за надворешни работи пред десетина дена. Одлуката му била соопштена на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин во Скопје и му била врачена дипломатска нота со која петмина вработени во Амбасадата на Русија се прогласени за персона нон грата.