Руските гасни врски, јамка од санкции за братска Србија?

од Vladimir Zorba
82 прегледи

 

 

 

На Србија и стигна уште едно предупредување од Енергетската заедница поради доцнење на реорганизацијата на монополистичката државна фирма „Србијагас”. Кон средина на октомври се најавуваат и казни ако до крајот на годината не се заврши таа работа. Зошто прифаќањето на европските енергетски правила толку долго доцни во Србија и има ли тука влијание на главниот енергетски снабдувач на Србија кој спроведува преку своите експоненти во српскиот енергетски сектор?

гас

Санкциите на Србија можат да бидат ограничување на гласачкото право во органите на Енергетската заедница, а Министерскиот совет на оваа организација може дури да предложи на Европската комисија да го редуцира финансирањето на проекти на енергетската инфраструктура во Србија, вели за РСЕ Андриус Симкус, експерт за гас од Секретаријатот на Енергетската заедница.

Тој пред се потсетува кога беше рокот да се заврши реорганизацијата на Србијагас, во согласност со Вториот енергетски пакет на Енергетската заедница, меѓу чии основачи е и Србија.

„Рокот беше уште во 2012 година, значи доцнењето е многу сериозно. Тоа што Србија, како и било која друга договорена страна со Енергетската заедница, треба да го направи во Србијагас, е одвојување на секторите на системот за пренос на природен гас од било кои комерцијални активности, во случај на Србија, од снабдување со природен гас. Тоа значи дека активноста на преносот на гас треба да го врши посебно правно лице, посебна фирма, наменски основана за таа операција” – оценува Симкус.

Неодамна Јанез Копач, директор на Енергетската заедница изјави дека Србијагас ги блокира сите реформи во Србија. Потсети дека комерцијалната дејност мора да биде рамноправна со другите конкуренти на пазарот, која сега ја нема со оглед на тоа дека Србијагас е апсолутен монопол.

Согласност за реорганизација на Србијагас, Владата на Србија даде минатата година и таа фирма ја раздвои дејноста на транспорт и дистрибуција, а државниот гасен гигант ја продолжува реорганизацијата, изјави министерот за енергетика Александар Антиќ.

Душан Бајатовиќ, генерален директор на Србијагас истакна дека поради обемноста на работењето, реорганизацијата ќе почека. „Во тек е финансиско реструктуирање и попис на имотот на Србијагас, за да знаеме со што располагаме. Двете нови фирми веќе се основани” – изјави Бајатовиќ.

Меѓутоа, Андриус Симкус вели дека новата основана компанија се уште е само школка-фирма, која не е во состојба самостојно да работи.

„Во Србијагас навистина основаа нова компанија која веројатно ќе стане оператор на преносниот систем, но таа работа се уште не е завршена. Таа нова основана фирма е само фиктивна фирма, со само еден вработен и тоа директорот кој дојде од Србијагас, што е спротивно на правилата, таа фирма нема капацитети, нема имот и не е функционално способна да ја врши дејноста за преносните системи” – укажува нашиот соговорник од Енергетската заедница.

Парадигма на процесот на европските интеграции на Србија

Владимир Медовиќ, доцент на новосадскиот Факултет за економија и инжинерски менаџмент, за РСЕ откри дека реорганизацијата на Србијагас доцни цела деценија.

Тој рок, вели Медовиќ, беше уште во јули 2007 година, па беше продолжен на 2012 фосина, а бидејќи ни до тогаш работата не се заврши, Секретаријатот на Енергетската заедница по една година покрена спор против Србија.

Во септември 2014 година, потсетува тој, Министерскиот совет на Енергетската заедница одлучи Србија да ја прогласи одговорна поради кршење на обврските од договорот за основање на Заедницата.

Потоа на Србија беше оставено до крај на јуни минатата година да изврши правно и функционално одвојување на секторите во Србијагас и во Југоросгас.

Бидејќи ни до тогаш работата не се заврши, потсетува Медовиќ, рокот е продолжен до август оваа година, но обврската се уште не е исполнета.
Во меѓувреме, вели нашиот соговорник, основани се две компании – Транспортгас и Дистрибуцијагас, но ни со тоа не се забвршија обврските за комплетно правно и функционално раздвојување на секторите.

Зошто прилагодувањето на европската енергетска регулатива во Србија доцни речиси цела деценија? Во чиј интерес е успорувањето на реорганизацијата на Србијагас?

Одговарајќи на овие прашања, Владимир Медовиќ пред се лаконски констатира: – Всушност овој случај е парадигма на процесот на европските интеграции на Србија. Околу ова прашање се преплетуваат интересите на ЕУ и на Србија, како и на Србија и Русија. Не треба да се заборави дека Русија е исклучително значаен, ако не и доминантен играч на енергетскиот пазар во Србија. Очигледно е дека на Русија не и одговара Србија да изврши раздвојување на дејностите и со тоа да го отвори својот пазар и на други конкуренти, па преку своите влијанија во Србија обезбеди да дојде до успорување на овој процес – заклучува Владимир Медовиќ.

Радио Слободна Европа – Прага