Руските лекари, кои први го лекуваа Навални: Прво мислевме дека е отруен, но потоа се предомисливме

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Руските лекари кои први го лекуваа критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, прво се посомневале дека е отруен, но се предомислија шест часа подоцна кога ги добиле резултатите од лабораториските тестови кои не потврдија траги од отров во неговото тело, изјави еден од лекарите што го лекуваше.

44-годишниот Навални колабираше на домашен лет во Русија минатиот месец. Сега се наоѓа на лекување во Германија. Германските лекари рекоа дека тој бил отруен од воен отров „новичок“, обвинувајќи ја Москва за тоа, што таа го негира. Главниот токсиколог на сибирската болница каде што за прв пат се лекуваше Навални, Александар Сабаев, рече дека прво се сомнева во труење и дека му е укажано соодветно лекување. Навални беше ставен на апарати за дишење и во индуцирана кома и му беше даден атропин, рече Сабаев.

Ова е во согласност со вообичаената постапка за жртви на „новичок“, изјави извор од болницата запознат со германските резултати. Но, Сабаев рече дека резултатите од руското тестирање покажале дека Навални не бил отруен. Тој сега верува дека страда од тежок метаболички синдром.

„Како токсиколог, сигурен сум. Немаше „новичок“ во тој случај, рече Сабаев.

Брзата помош што ја доби Навални помогнала да му се спаси животот, рекоа два болнички извори, како и одлуката на пилотот итно да слета во Омск кога тој колабираше во авионот што се враќаше во Москва. Сабаев рече дека лекарите му дале три милиграми атропин бидејќи имал проблем со белите дробови.

„Новичок“ предизвикува голем број здравствени проблеми, вклучувајќи забавување на отчукувањата на срцето, акумулација на течност во белите дробови и трајно оштетување на нервите низ целото тело. Атропинот е еден од првите лекови, што се дава во вакви случаи. Сабаев верува дека Навални имал некакво метаболичко нарушување затоа што нивото на шеќер во крвта било четири пати поголемо од нормалното и дека имал проблеми со панкреасот.

Други болнички извори во Омск ја оспоруваат таа дијагноза. Д-р Питер Чаи, лекар во „Brigham and Women’s Hospital” во Бостон и доцент на Медицинскиот факултет Харвард, рече дека руските лекари тешко можеле да дијагностицираат труење со „новичок“ толку брзо, на самиот почеток на третманот.

„Потврдата со тестирање бара време и сложени аналитички техники. Тоа е многу прецизен процес и мислам дека би било прерано да се сомневаме во тоа“, рече тој.

Во случајот на труење на рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во 2018 година во Англија, трагите на „новичок“ се најдени насекаде. На еден полицаец му се слошило, а Даун Старџес починала откако се контаминирала.

Сабаев истакна дека руските лекари кои го лекувале Навални немале симптоми на труење.

„Сите се живи и здрави“, рече тој.

Слични содржини