Министерството за надворешни работи на Русија ја отфрли изјавата на вицепремиерот на Владата на Србија и министерка за енергетика, Зорана Михајловиќ дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го злоупотребува фактот што Србија не воведе санкции за Русија, откако се обидува да покаже дека Србија го поддржува рускиот напад врз Украина, иако Србија гласаше за резолуцијата на ОН, која ја осудува војната.
При минатонеделната посета на министерот за внатрешни работи Александар Вулин на Москва, Лавров посочи дека Москва и Белград се постојано посветени на принципите на неделивост и еднаква безбедност на сите земји „и на Балканот и во ситуацијата испровоцирана од Западот во Украина“.
Министерот Михајловиќ оцени дека на овој начин Лавров го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции кон Русија и дека со таквото однесување „иако зборува за пријателството на двете земји“, го покажува спротивното.
Во одбрана на рускиот министер веднаш застана Александар Вулин, кој на својата колешка од Владата и порача дека „Лавров е пријател на Србија, секако многу повеќе од оние кои бараат од нас да ја признаеме лажната држава Косово или оние кои мислат дека е во наш интерес да воведеме санкции кон Русија“, а сега реагираше и министерството во Моксва на чело со Лавров.
„Оценките и изјавите на руските функционери никому не даваат причина и право да нè прекорува со инсинуации, обиди за „злоупотреба“ на традиционално пријателските, чесни односи со Србија, кои неминовно се градат на еднаквост, почит и меѓусебно разбирање“, се вели во соопштението на руското Министерство.
Руското Министерство понатаму сугерира дека „очигледно Михајловиќ е слабо информирана за реалноста“ на односите меѓу двете земји, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.
„Со Србија имаме целосно меѓусебно разбирање за актуелните теми од меѓународната агенда. Во контактите со партнерите, отворено го презентираме нашиот поглед на ситуацијата во Украина. Ја почитуваме желбата на Белград да одржи урамнотежена, и што е најважно, независна линија во овие тешки услови“, истакнаа од руското Министерство.
Оттаму додаваат дека ваквиот балансиран пристап се огледа и во резервираниот однос на српското раководство кон западните санкции.
„Се разбира, ова е суверен избор, кој Западот не може да го прифати и за разлика од нас се обидува да изврши притисок врз Србите“, се заклучува во соопштението.