На синоќешниот подкаст на ИРЛ, поранешната шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска зборувајќи за настаните поврзани со ланското бегство на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, рече дека тој лично ѝ се јавил и дека „негов услов“ бил куќен притвор за да се предаде.
-Вака течеа работите. Јас бев во канцеларија и ми ѕвони телефонот, гледам Сашо Мијалков и се збунив. Видете, ние се знаеме од 2007, соработувавме бидејќи тој беше директор – соработувавме и со директорот на БЈБ и со директорот на УБК, имав телефони и од едниот и од другиот. Се јавив, прво мислев дека некој се шегува нешто, рече Русковска.
Потоа, таа истакна дека го побарала нејзиниот шеф, републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
-Му кажав на Јовески дека ми се јавил Милајков и дека сака да се предаде во ОЈО ГОКК. Јас таа одлука не можам сама да ја донесам. И кога ми се јави републичкиот обвинител јас му кажав дека Сашо сака да се предаде и дека услов е да биде во куќен притвор. Републичкиот обвинител се согласи со тоа, рече синоќа доскорешната главна обвинителка за организиран криминал во гостувањето на подкастот.
Исчезнувањето на Мијалков се случи лани во февруари во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет Тврдина“. Ексдиректорот на УБК моментално ја опслужува затворската казна од три години, која ја доби откако се спогоди за случајот „Империја“.