Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете, изјави денеска поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо.
Во изјава за медиуми по доделувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“ во Собранието на РМС, Русковска кажа дека и колегите во Турција, од каде се очекува Палевски да биде екстрадиран, ќе го имаат сето ова предвид.
„Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид“, рече таа.
Според неа, истрагата треба допрва да утврди која е вистинската позадина на случајот.