Обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, денеска биле сослушани во рамки на дисциплинската постапка поведена против нив, а поврзана со претресот во Управата за финансиска полиција.
Тие биле сослушани во просториите на Јавното обвинителство пред Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност. Обвинителките ги дале своите искази и биле изведени сите докази во постапката.
Членот на комисијата кој е известител во предметот сега треба да изготви извештај по завршување на постапката со предлог.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска, е суспендирана, а паралелно против трите обвинителки се води и истрага по кривичната пријава на екс директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Предлогот да се поведе дисциплинска постапка го даде републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој дополнително ја суспендира Русковска и од работа.
Претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО ГОКК беше извршен 18 јули минатата година.