Директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, вчера за време на распитот во Основниот кривичен суд – Скопје поднел неотповиклива оставка од својата функција, информира неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
„На барање на мојот клиент, сакам јавно да соопштам дека тој пред судијата на претходна постапка официјално ја депонира својата неотповиклива оставка од местото в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Ова е морален чин на сега веќе поранешниот директор, кој не сака јавноста да помисли дека на кој било начин ќе се обиде да ја попречува истрагата, рече адвокатот Алиспахиќ.
Судија на претходна постапка одреди 30 дневен притвор за сега веќе екс-директорот на „Комунална хигиена“ и управителот на Секторот за отпад Аки Салити што беше и предлог на Обвинителството. За нив како што соопштуваат од судот постои основано сомнение дека извршиле кривично дело од член 23о став 1. загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Согласно решението на судот, за осомничени С.Р. и А.С., вработени во ЈП „Комунална хигиена“ мерката притвор е определена заради постоење на основите од член 165 1. точка 2 и 3 односно опасност да ја попречи истрагата или да влијае на сведоци и можност да го повтори делото“, стои во соопштението од Кривичен суд.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд. Обвинителството ги товари за кривично дело по член 230 од КЗ став 1, казниво од 3 месеци до 3 години затвор. Тие се сомничат дека овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.