Директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми ги оценува како „неточни и неосновани“ вчерашните тврдења на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски околу тоа како се трошеле државните пари и зошто не се готови почнатите проекти. Според Рустеми, ова се прави „со впечатлива политичка позадина“.
Како што тврди, за сите реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација.
-Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието, истакнува директорот, додавајќи:
-Проект за изградба на автопат, патна делница Кичево-Охрид. Вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци- Штип и патна делница Кичево-Охрид, објавен во Службен весник бр.208 од 14.11.2018 година.
Проект втора делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот Хил Интернешнл, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание.
Проект во ИПА II – Изградба на патна делница Градско-Дреново.
Потенцираме дека во ИПА оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на “Договорен орган”, додека Министерството за транспорт и врски е “корисник”, а Јавното претпријатие за државни патишта е “краен корисник”, стои во соопштението.
Рустеми тврди дека стои на располагање на сите надлежни институции за секаков вид на проверки и ревизии на нивното работење како државно претпријатие.
-Апелираме да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени, велат меѓу другото од ЈПДП.
Државниот ревизор излезе со критики за капиталните инвестиции во изминатите години. Во извештајот нотираа дека недостигаат точни податоци за јавните инвестиции, а проектите се одвивале бавно или не се реализирале.
Според Николоски, за автопатот Кичево-Охрид, вредноста е зголемена за дури 175 милиони евра, со тие пари вкупно се потрошени 446 милиони и по 10 години, ништо не е завршено. Слична е ситуацијата и со железничката пруга, Коридор 8.
По промена на раководството во Јавното претпријатие за државни патишта, министерот најави дека ќе побара декласифицирање на Договорот со „Бехтел и Енка“ за делниците на Коридорите 8 и 10 Д.
-Целата постапка се одвивала во предизборен и постизборен период. Јавноста треба да знае дека пругата треба да помине среде Крива Паланка и треба да се рушат десетици или можеби стотици куќи и да се иселува население и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај. Затоа што според проектот и според законите, предвидено е поврзувањето да оди преку тунел, кој може да се изгради само до границата. Во услови кога Бугарија нема ниту проект за железничко поврзување со Македонија и воопшто е прашање дали би го проектирале на овој начин. Дали двата тунели ќе се поврзат? Што доколку на другата страна има вода или подземно езеро или било какви други пречки, кажа Николоски за пругата кон Бугарија.