Руте: Целта на безбедносните гаранции е нов напад врз Украина да ѝ биде прескап на Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека основната цел на безбедносните гаранции, кои би стапиле на сила по евентуален прекин на огнот, е значително да се зголеми цената што Русија би ја платила за секој иден напад врз Украина.

од desk4
10 прегледи Фотографија: Профил на Х на Зеленски

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека основната цел на безбедносните гаранции, кои би стапиле на сила по евентуален прекин на огнот, е значително да се зголеми цената што Русија би ја платила за секој иден напад врз Украина.

Руте ова го изјави на прес-конференција во Киев, нагласувајќи дека договорените механизми треба да создадат доволно силно одвраќање за Москва да не се одлучи повторно на воена агресија.

Три нивоа на безбедносни гаранции

Тој појасни дека актуелните договори предвидуваат три нивоа на безбедносни гаранции. Првото ниво е зајакната украинска армија, која би била финансиски и логистички поддржана од меѓународните партнери.

„Украинската армија ќе биде првата линија на одбрана доколку Русија или која било друга држава повторно ја нападне Украина. Имаме обврска да обезбедиме вооружените сили на Украина да бидат во најдобра можна позиција за самоодбрана“, изјави Руте.

Второто ниво, според него, е т.н. „Коалиција на подготвените“, иницирана од Франција и Обединетото Кралство. Руте не навлезе во детали за конкретниот начин на делување на оваа коалиција, но нагласи дека нејзината цел е поширока од самата воена поддршка и вклучува дополнителни гаранции.

Третото ниво го сочинуваат Соединетите Американски Држави, кои, како што рече Руте, од минатото лето јасно ставиле до знаење дека сакаат активно да се вклучат во безбедносната рамка.

Одбраќање од нова агресија

Според генералниот секретар на НАТО, сите три нивоа заедно треба да создадат доволно силен механизам на одвраќање, кој ќе гарантира дека Русија нема повторно да се обиде да ја нападне Украина.

„Намерата е безбедносните гаранции да бидат толку силни што евентуален нов напад за Русија би бил исклучително лоша и скапа одлука“, заклучи Руте.