Посветеноста на неповратниот пат на Украина кон НАТО останува, но на Киев никогаш не му било ветено членство во алијансата како дел од мировните преговори, изјави денес во Брисел генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Руте рече дека Украина е поканета на самитот на алијансата во Хаг, кој ќе се одржи за неколку недели.
„Ја поканив Украина на самитот. Што е можно поскоро, ќе објавиме програма со повеќе детали“, им рече Руте на новинарите пред состанокот со министрите за одбрана во Брисел, објави Ројтерс.
На прашањето дали лично Зеленски бил поканет, Руте рече само дека програмата ќе биде објавена навреме.
НАТО ќе ги зајакне одбранбените капацитети со нови, поамбициозни цели
Сојузниците на НАТО ќе ги зголемат одвраќањето и одбранбените капацитети со поставување нови, амбициозни цели, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред состанокот на министрите за одбрана во Брисел, неколку недели пред самитот на НАТО во Холандија.
„Воздушната и ракетната одбрана, оружјето со долг дострел, логистиката и големите копнени маневри се меѓу нашите главни приоритети“, рече Руте, според Ројтерс.
Руте додаде дека овие цели треба да специфицираат „какви сили и специфични способности треба да обезбеди секој сојузник за да го зајакне нашето одвраќање и одбрана“.
Тековната цел на НАТО за трошоци за одбрана е 2 проценти од БДП, а 22 од неговите 32 членки моментално ја исполнуваат или ја надминуваат.