Руте меѓу Трамп и Европа: Обидот да го зачува НАТО отвора длабоки поделби со ЕУ

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, има една клучна цел, да го задржи американскиот претседател Доналд Трамп цврсто врзан за Алијансата и да спречи нејзино слабеење.

од desk4
24 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ NATO News

Но токму таа стратегија сè почесто го доведува во судир со европските сојузници, кои стравуваат дека премногу попустливиот однос кон Вашингтон ја поткопува улогата на Европа во безбедносната архитектура.

Тензиите излегоа на површина оваа недела во Европски парламент, каде Руте отворено го бранеше приматот на САД во НАТО. „Ако некој мисли дека Европа може да се одбрани без Соединетите Држави, се лаже. Не можете“, им порача тој на европратениците, пишува Politico.

Изјавата предизвика жестоки реакции. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро возврати дека Европејците „можат и мораат“ да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, нагласувајќи ја потребата од посилен европски столб во рамки на НАТО.

Поранешната француска министерка за европски прашања и актуелна европратеничка Натали Лоазо беше уште поостра, оценувајќи дека настапот на Руте бил „срамен момент“ и дека НАТО мора да се ребалансира меѓу американските и европските напори.

Сличен тон имаше и шпанскиот европратеник Начо Санчес Амор, кој директно го праша Руте дали настапува како генерален секретар на Алијансата или како американски амбасадор во НАТО.

Овие реакции го разоткриваат сè подлабокиот јаз внатре во НАТО. Од една страна е уверувањето на Руте дека одржувањето блиски односи со Трамп е единствениот начин Алијансата да опстане, а од друга расте загриженоста во Европа дека ваквиот пристап ја слабее НАТО одвнатре и ја одложува изградбата на посилни европски безбедносни капацитети.

Повеќе дипломати од НАТО, цитирани од Politico, оценуваат дека Руте е ефикасен кризен менаџер, особено по неговата улога во смирувањето на спорот околу Гренланд, но дека тоа е постигнато по цена на зголемена нервоза меѓу европските членки.

Иако на Давос Руте успеа да го убеди Трамп да се откаже од реториката за анексија на Гренланд, европските претставници прашуваат дали станува збор за трајно решение или само привремено смирување.

И покрај критиките, Руте не отстапува од својот прагматичен пристап. Тој тврди дека Трамп е корисен за НАТО и како аргумент го наведува договорот за зголемување на воените трошоци на земјите членки на пет отсто од БДП до 2035 година, чекор за кој, според него, немало да се случи без американски притисок.

Од Белата куќа ја поддржуваат оваа оценка. „Претседателот Трамп направи повеќе за НАТО од кој било друг“, изјави портпаролката Ана Кели, додавајќи дека неговите потези ѝ помагаат на Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.

Руте, поранешен холандски премиер со 14-годишно искуство на власт, е познат како прагматичар, а не како идеалист. Неговата стратегија на јавно ласкање кон Трамп, според блиски соработници, е свесен избор за зачувување на единството на Алијансата.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ваквиот пристап носи ризик. „Игнорирањето на егото на Трамп може да има последици“, вели политикологот Стивен Фарнсворт. Прашањето што сè почесто се поставува меѓу дипломатите е: до каде може да оди оваа стратегија без да се наруши рамнотежата меѓу САД и Европа во НАТО.

Слични содржини