Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека стабилноста на Косово, Босна и Херцеговина и Србија е во интерес на сите и дека нема причина да се верува дека може да има некаква драматична промена во однос на американската посветеност на западната воена алијанса.
Во разговор со студентите на Универзитетот Комениус во Братислава, на прашањето дали гледа можност за конфликт на Косово, со оглед на тоа што постојат индиции дека новата американска администрација би можела да ги повлече своите војници, Руте рече дека не верува дека во Вашингтон ќе се донесат драматични одлуки.
„Да бидам совршено јасен, колку што разбрав, тие се целосно посветени на НАТО и нивните сегашни обврски. Ќе видиме што ќе се случи. Но, секогаш може да има промена во политиката или мала адаптација. Словаците, Холанѓаните и другите го прават тоа. Сепак, немам причина да верувам дека ќе има некакви драматични одлуки. На Западен Балкан мора да се погрижиме да ја следиме ситуацијата. Стабилноста на Косово, Босна и Херцеговина и Србија е во интерес на сите нас“, рече Руте.
Зборувајќи за Косово, тој истакна дека се одржани избори, но дека се уште нема формален конечен резултат.
„Се чини дека главната партија, која управуваше со Косово пред изборите, ќе мора да формира коалициска влада. Тоа е дел од нормалниот демократски процес“, рече Руте.
Кога станува збор за Босна и Херцеговина, тој вели дека ситуацијата таму мора да се следи, објави порталот „Косово онлајн“.
„Знаеме дека има некои прашања за кои треба да бидеме многу внимателни, како во Босна и Херцеговина, така и во односите во регионот“, кажа Руте.
Тој изјави дека разговарал со двајца од тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина на Минхенската безбедносна конференција.
„Се обидуваме да ја одржиме стабилноста. Тоа е регион кој има историја на нестабилност. Сега имаме, за среќа, стабилност во тој дел од Европа, која мора да ја одржиме“, подвлече Руте.