Ружин: ЕУ смета дека решението со Бугарија е на дофат и се прашува дали македонската Влада има европски амбиции

Не се само уставните измени важни за ЕУ: „Коридорот 8 директно зависи од добрите односи меѓу Софија и Скопје“

од Nikola Popovski
489 прегледи

Прва посета на новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, но остануваат старите позиции. Процесот на европска интеграција трае веќе многу долго време и сега е време да се постигнат резултати. Европската Унија очекува Македонија да го испорача прифатеното од Преговарачката рамка и да направи уставни промени за да продолжи напред на евроинтегративниот пат. Од Брисел се децидни дека „нема план Б и фокусот да остане на планот А“.

Пораките од Кошта имаaт геополитички, политички и практични значења, смета дел од јавноста. Според поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Нано Ружин, геополитичка затоа што ЕУ и НАТО имаат голем интерес за подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија, од практични причини што тука поминува Коридорот 8 за кој се заинтересирани државите-членки на Алијансата и поврзување на Бугарија, Македонија и Албанија.

-Од друга страна, Коридорот 8 директно зависи од добрите односи меѓу Софија и Скопје. Кога Европа почнува да размислува геополитички, изгледа дека сме интересни поради коридорите. По надминување на проблемот со името со Грција, работите со изградбата на Коридорот 10 се многу подобри.  Како што знаеме, тој е интересен за Виктор Орбан, Србија и кинесите интереси. Исто така геостратешки е многу значаен, но, се добива чувство дека ЕУ и НАТО се позаинтересирани за Коридор 8, истакнува Ружин во разговор за „Локално“.

Како посочува, ЕУ исчекува, сметајќи дека спорот со Бугарија е на дофат и мора да се реши и оттаму се прашува дали оваа владеачка гарнитура има европски амбиции.

-Владата на Христијан Мицкоски е ставена во многу непријатна положба, бидејќи, од една страна цврсто го уверуваше јавното мислење дека никогаш нема да попушти околу прашањето за внесување на бугарското малцинство во Уставот, а од друга страна, притисокот е огромен од ЕУ. Навистина е неблагодарно да се даваат прецизни информации или да се прејудицираат одредени предвидувања. Сметам дека во прашање е пожелно да се реши односно сите оние што настојуваат државата да стане членка на ЕУ, бараат тоа прашање да се реши, додава Ружин, посочувајќи дека Кошта е сепак поумерен и смирен претседател на ЕС.

Соговорникот оценува дека граѓаните губат трпение со децении затоа што нашите позиции се скандалозни. Уште од 2003 беше најавено дека нашата држава ќе стане членка на ЕУ за деценија, најмногу две.

-Еве веќе сме во третата декада и веројатно уште многу долго ќе бидеме пред вратите на ЕУ. Како пречка на таквата геополитика се наметнува прашањето со уставните промени. Тоа зависи од гласовите на Парламентот и актуелната Влада. Во предизборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ отиде многу далеку во перманентното негирање дека никогаш нема да дозволи Бугарите да влезат во Уставот. Ова прашање толку се продолжи што сега и самиот Мицкоски веројатно е свесен дека не може да се покрива пепел и да ја промени преку ноќ таквата позиција. Разбирливо е дека ЕУ сака да реагира. Колку и да е фрустрирачки дека постојано нешто мораме да попуштаме за да ни се расчисти патот, сега мислам дека во игра е еден геополитички блок и претпоставувам дека можеби ќе се најде решение до крајот на годината. Ова се непријатни констатации за Владата и затоа постои тој оправдан сомнеж дали воопшто на агендата се уште е приоритетот ЕУ, констатира Ружин.

На речиси двочасовниот состанок во владата на Кошта му бил повторен ставот на Македонија дека се прифатливи уставни промени со одложено дејство, како гаранција дека нема да има нови условувања за билатерални прашања. Македонија го има најтешкиот и фрустрирачки пат кон ЕУ, но нема да прифати нови отстапки доколку другата страна не го направи истото, рече премиерот Мицкоски, кој повика заеднички да се дејствува за одблокирање на процесот.

Кошта оцени дека Македонија направила многу за реформите, дека за нив и ЕУ финансиски помага, но како клучни ги потенцираше владеењето на правото и борбата со корупцијата. Тој нагласи дека земјава треба да работи на инфраструктурни проекти за Коридорите 8 и 10.

Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта е прва од серијата посети од ЕУ во Македонија. До крајот на месецов во посета ќе дојде и високиот претставник за надворешна и одбранбена политика Каја Калас, а на почетокот на јуни и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Н.П.

Слични содржини