Ружин: Лутината на Мицкоски е кондензирано мислење на мнозинството граѓани за некоректната политика на Бугарија

од Vladimir Zorba
383 прегледи

Пораките на Мицкоски и одат на рака на сегашната влада. Тоа некој мораше да го каже, а од опозицијата зависи отварањето на Уставот за да се сфати перманентното тактизирање на ЕУ со С.Македонија, смета поранешниот дипломат и политичар проф.Нано Ружин во врска со протестот на ВМРО-ДПМНЕ, на кој лидерот на партијата јасно даде до знаење дека „Бугари нема да има во Устав“.

Според него, „евроскептицизмот тропа на вратата насекаде во Балканот“.

-Евроскептицизмот и популизмот тропаат на врата не само во С.Македонија туку и насекаде во Балканот. На тој начин лутината на Мицкоски претставуваше кондензирано мислење на мнозинството граѓани на С.Македонија за некорекната политика на Бугарија. Можеби и дипломатското молчење на Владата заради зачувувањето на мостовите за компромисот сега е нарушено, вели Ружин во разговор за „Локално“.

Во врска со францускиот предлог за кревање на ветото од страна на Бугарија за старт на преговорите на С.Македонија со ЕУ, поранешниот дипломат смета дека се отвораат дополнителни прашања ако се точни работите кои се прераскажуваат во медиумите.

-Дали со нашето прифаќање на предлогот на Макрон (во натамошен текст-ПМ) значи дека само ќе ни дадат датум, ние прифаќаме и веднаш Бугарија не блокира? Дали се зависи од вклучувањето на македонските Бугари во Уставот или тоа е предвидено за крајот на преговрите? Дали има одредени клаузули, можни ли се амандмани, дали ЕУ паралелно со Бугарија ќе решава за нас или исклучиво Бугарија? Во спротивно ние прифаќаме и на тој начин и правиме услуга на Албанија, а ние остануваме назад, смета професорот.

За тоа дали треба полека земјава да се подготвува за поинаков пристап кон „ЕУ членството“ по сите пречки кои ги надмина и чекањето долго 17 години за старт на преговори и за тоа дали Македонија ќе биде новата Турција што се однесува до ЕУ, иако земјите и нивната важност во светскиот поредок е неспоредлива, според Ружин ирационална е споредбата со Турција бидејќи таму се работи за друг вид недоразбирања со Брисел.

-Не знам каква алтернатива би можела да одбере С.Македонија? Споредбата со Турција е ирационална бидејки таму се работи за друг вид недоразбирања со Брисел. Анкара има проблеми со најголемиот број члнеки на ЕУ. Во нашиот случај се работи за една држава, вели тој.

Во врска со изјавата на Шолц дека ЕУ треба да ги промени правилата, односно да ги олесни, во контекст на проширувањето и примањето на нови земји во Блокот, Ружин вели дека германскиот канцелар е во право, но како што објаснува тој за да се дојде до таква одлука потребно е сите држави членки да гласаат за истата, а тоа „знаеме дека е многу тешка речиси невозможна мисија“.

-Впрочем околу прашањето за проширување тоа ќе биде уште потешко бидејќи кога се мислеше за прашањето на „консензус“ се евоцираа други теми. Сега за прв пат Шолц го поставива и во доменот на проширувањето. Сметам дека е можен друг излез без да се смени Договорот од Рим и од Лисабон, а тоа е „проширувањето на ЕУ да се толкува како прашање на деонтологија, земно разбирање, достоинство“ што е вид идеалистички приницип, но на таква висока политичка култира не можеме да се надеваме од новопримените членки на ЕУ туку само од основачите. Да бидам поконретен, доколку се наметне некое ниво на политичко размислување и одлучување, а во позадина се услови со буџетските трансфери, можеби и тоа би помогнало. Но во овој миг, Бугарија е значајна геополитичка сила заради Црното море и нејзината цена на меѓународнииот пазар е неколку пати позначајна од онаа на нашата земја, подвлекува тој.

Б.М.

Слични содржини