Моите скромни познавања на досегашните иницијативи на опозицијата кон власта секогаш завршувале со неуспех и со немање никаков фидбек. Едноставно нашата демократија е поставена наопаку. Сме биле сведоци на голем број иницијативи уште од времето на првите влади па се до денес – колку и да е иницијативата космополитска и позитивна за државата, пред се сите партии ги ставаат во преден план партиските интереси пред државните, истакнува поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Нано Ружин за „Локално“ по повод предлог-резолуцијата со црвени линии од страна на СДСМ за одблокирање на европскиот пат на Македонија.
Колку и да е оваа иницијатива добра и колку и да се бара разбирање и соработка за националните интереси, додава Ружин, секогаш власта одговарала негативно, била индиферентна или се мешале ботовите и таквата идеја ја испревртувале.
-Тоа е добро од опозицијата, независно како ќе реагира власта, да има една таква активност бидејќи ја покажува нејзината заинтересираност и практично тоа е политиката – да има дијалог и идеи.
Што се однесува за прашањето околу Филипче дека наводно треба да ги прекинеме преговорите, а после тоа доаѓа до исправување на ваквите ставови, соговорникот вели дека евентуална таква одлука би била промислена, затоа што мислам дека прекин на преговорите е сечење на гранката и одење во полза на политичките сили кои се евроскептични и не сакаат државата да влезе во ЕУ.
-Сметам дека е добро што оваа предлог-резолуција е отстранет овој услов бидејќи тоа ме потсетува на старата поговорка „се налутил попот на селото, па се пресекол“. Сметам дека овој вид на резолуции се добри и ги развиваат дебатите и бараат излез од ситуацијата и ја реструктуираат политичката опозиција, наметнуваат одредени цели и претставување градење на проевропска стратегија. Иако во Скопје нема голем ефект, во Брисел наидува на позитивен прием. Осмислено и разговарано е веројатно со меѓународната заедница. Мислам дека во овој контекст опозицијата нема аргументи да поставува услови затоа што секој поставен услов кој што е на таков начин афирмиран, не ѝ оди во полза на опозицијата. Тешко се доаѓа до национален консензус, посочува Ружин.

Фото: Х/Принтскрин
На истата тема, поранешниот министер за надворешни работи и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи изјави дека Преговарачката рамка е најважниот документ кој што не штити од какви било нови барања.
-Нема поважен документ. Секој кој што се обидува да не ја почитува преговарачката рамка или да пресоздава нови алтернативни варијанти, влегува во ризичен терен. Отворање на дебата во предизборната кампања сметам дека нема да помогне на процесот, вели кандидатот за градоначалник.
Тој вчера за време на промовирањето на изборната кампања, на новинарско прашање од „Локално“, околу резолуцијата на СДСМ, го повтори ставот дека има некои прашања кои што мора да излезат од дневно политичкиот дискурс, за политички поени.
Н.П.