Сѐ е поскапено, ама кафаните се полни – некаде треба да резервираш место и една недела однапред

Последните три години набавните цени на храната се двојно зголемени, па поради тоа и ние моравме да ги зголемиме за 50 отсто. Така на пример набавната цена на ќебапите беше 190, сега е 290 денари, на колбасите од 260, цената им се качи на 460 денари за килограм...И цените на пијалаците се покачени за 30 до 40 отсто, вели сопственик на една скопска кафеана

од Nikola Popovski
447 прегледи Фото: Фејсбук

Цените на угостителските услуги не престануваат да растат, но тоа не ги спречува граѓаните да одат во кафана. Угостителите потврдуваат дека последниве неколку години има постојан раст на цените во рестораните, кафаните и кафулињата. Храната е поскапена за 50 отсто, а цените на пијалаците за 30 до 40 отсто. Но, и покрај високите цени, кафеаните се полни и не може да се најде слободно место. Речиси секаде е потребна резервација, а за викендите доколку не резервираш претходно тешко можеш да најдеш слободна маса. Во некои ноќни барови, пак каде што има живи свирки треба да резервираш место и една недела однапред. Освен во Скопје и во Охрид летово цените во рестораните и кафулињата ги запрепастија туристите.

Но, и покрај тоа што цените во кафаните и кафулиња веќе не се прифатливи за сечиј џеб, одењето на кафе стана дел од секојдневниот живот на граѓаните. Во кафулињата едно кафе чини над 100 денари, а некаде достигнува и до 200 денари, обична или кисела вода од 0,33 мл се продава меѓу 90 и 100 денари, додека онаа 0,75 мл е од 150 до 180 денари во зависност од локалот.

-Последните три години набавните цени на храната се двојно зголемени, па поради тоа и ние моравме да ги зголемиме за 50 отсто. Така на пример набавната цена на ќебапите беше 190, сега е 290 денари, на колбасите од 260, цената им се качи на 460 денари за килограм. Цената на една шарска плескавица, која е најевтина, е 250 денари, на свинска вешалица 270 денари…, односно цената на едно парче месо е од 250 до 300 денари. И цените на пијалаците се покачени за 30 до 40 отсто, вели сопственик на една скопска кафеана.

Цените на помфритот се од 150 до 200 денари, порција месо со гарнир од 250 до 300 денари, салата од 200 до 300 денари зависи од големината, пиците во зависност од големината и видот се движат од 400 денари па нагоре. Сепак цените варираат во зависност од локацијата на објектот, од името, ентериерот…

Граѓаните со забелешки дека не секој може да си дозволи оброк во угостителски објекти. Повеќето поминуваат само со кафе.

-Не можеме да си дозволиме ручек. Може да седнеме само на едно кафе, пиво или сок, а за нешто повеќе потешко, бидејќи стандардот не ни дозволува. Платите ни се многу мали и треба со нив да го истуркаме месецот, вели еден граѓанин.

Граѓаните велат дека освен тоа што цените се зголемени, намалени се и количествата во порциите, пилешкиот стек, убвијачот, плескавицата… се се помали.

Угостителите со став дека добавувачите ги покачиле цените на производите, а дополнително влијание имаат и повисоките плати во угостителскиот сектор.

Освен во Скопје и во Охрид летово цените беа многу високи, а туристите постојано се жалеа дека охридските угостители претерале со цените. Цените на кафето се движеа од 150 до 200 денари зависи какво и каде го пиете, цените на пивото се од 150 до 300 денари, а на цедените сокови од 200 до 300 денари.

-Цената на една плескавица со додатоци е 300 денари, порција пилешки стек чини од 250 до 280 денари, а порција свинско ребро од 350 до 380 денари. Цената на мало пиво во рестораните е од 250 до 300 денари. За кило белвица во ресторан ќе платите 1.600 денари, а за кило пастрмка 2.500 денари, информираат од еден угостителски објект.

Голем дел од угостителите високите цени ги правдаат со инфлацијата. Велат дека се принудени да ги зголемуваат цените во менија, бидејќи не може да работат со стари цени во услови кога цените на храната во маркетите и на пазарите се многу покачени.

Б.С.