Сѐ ќе поскапи, транспортот ќе ја качи цената на сите производи

Освен на транспортните компании ќе се зголемат трошоците и на оние компании кои во своето производство користат нафта и гас како енергенси. Додека пак помалку ќе ги погоди оние индустрии кои ги користат овие енергенси само за загревање на погоните, вели за „Локално“ Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

од Vladimir Zorba
34 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин

Повисоките цени на нафтата ќе предизвикаат зголемување на цените на горивата, што ќе има директно влијание врз транспортот. Со поскапувањето на горивата, компаниите кои се занимаваат со транспорт на стоки ќе мора да ги покачат цените на своите услуги, што ќе доведе до поскапување на производите и услугите. Ова зголемување на трошоците за транспорт ќе се одрази на сите сектори, бидејќи транспортот е клучен за дистрибуцијата на стоките.

Според економистите секоја алка во синџирот на снабдување од производители до потрошувачи ќе биде погодена од поскапувањето на транспортните трошоци, што ќе резултира со пораст на цените на готовите производи, но и на услуги кои зависат од транспортот.

-Со зголемување на цените на нафтата ќе се зголемат цените на секој производ. Нафтата има најголемо учество во транспортот, кој ќе повлече поскапување на сите производи. Освен на транспортните компании ќе се зголемат трошоците и на оние компании кои во своето производство користат нафта и гас како енергенси. Додека пак помалку ќе ги погоди оние индустрии кои ги користат овие енергенси само за загревање на погоните, вели за „Локално“ Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Ангел Димитров; Фото: Јутјуб/Принтскрин/МИА

Според него, кај голем дел од компаниите самата технологија на производство не дозволува замена на нафтата како енергенс со електрична енергија, а освен тоа и производството е поскапо.

Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија вели дека зголемувањето на цената на гасот е голем проблем, бидејќи директно ќе ги погоди компаниите и ќе ги зголеми цените на речиси сите производи, дури и на малите пекари.

-Дистрибуцијата на производите од фабриките до маркети ќе поскапи, а тоа ќе се вкалкулира во цените на производите што се дистрибуираат. Највеќе ќе се зголемат трошоците во транспорт и логистика, тоа некој ќе треба да го плати, а тоа ќе бидат клиентите и потрошувачите, вели Бошков за „Локално“.

Миле Бошков; Фото: Фејсбук/Официјален профил

Тој вели дека се очекува трошоците за транспорт да се зголемат помеѓу 3 и 5 отсто и смета дека оние кои имаат производство на гас и на фосилни горива ќе имаат поголеми трошоци кои ќе се прелеат на финалниот производ.

-Геополитичките случувања во светот и во регионот, војната во Украина, сега војната на Блискиот Исток… постојано ни покажуваат каде да инвестираме. Треба веќе еднаш да ја научиме лекцијата и да почнеме да го зголемуваме примарното земјоделско производство, производството на храна и да градиме енергетски капацитети, додава Бошков.

Дека се очекува поскапувањето на нафтата да има долгорочно влијание на инфлацијата и на животниот стандард на граѓаните потврди и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Бесар Дурмиши

-Постои ризик цените во земјава да се зголемат, но секојдневно ја следиме состојбата на Блискиот исток и ќе реагираме ако има последици. Работиме во насока да имаме стабилен пазар, да ги заштитиме правата на работниците, да го помагаме стопанството, изјави Дурмиши.

Владата очекува конфликтот на Блискиот исток да заврши брзо и се надева дека не не чека уште една криза и инфлаторен шок. Министерката за финансии, Кочоска изјави дека доколку другите министерства побараат Владата ќе одлучува дали ќе се прогласи кризна состојба.

Б.С.