С.Кореја го ратификуваше договорот за одбрана со Русија

од Nikola Popovski
36 прегледи

Северна Кореја го ратификуваше договорот за сеопфатно стратешко партнерство со Русија, објави државното радио „Гласот на Кореја“.

„Со указ на претседателот на Северна Кореја, ратификуван е Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Северна Кореја и Русија, кој беше потпишан во Пјонгјанг на 19 јуни 2024 година“, се наведува во соопштението.

Четвртиот член од договорот предвидува дека доколку еден од учесниците биде подложен на вооружен напад од друга држава или повеќе држави и се најде во воена состојба, тогаш другиот учесник веднаш ќе обезбеди воена и друга помош со сите расположливи средства.

Ова е предвидено со член 51 од Повелбата на ОН и законодавството на Русија и Северна Кореја.

Дополнително, според членот осум, двете страни создаваат механизми за заедничко дејствување со цел зајакнување на одбранбените капацитети во интерес на спречување војна, како и обезбедување регионален и меѓународен мир и безбедност.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот за ратификација на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја.

Лидерите на двете земји го потпишаа овој документ на 19 јуни за време на посетата на Путин на Пјонгјанг. Овој договор треба да го замени основниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Русија и Северна Кореја од 9 февруари 2000 година.

Новиот договор ќе стапи во сила од денот на размената на ратификационите документи и ќе важи неодредено.

Слични содржини