Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека неговата земја спроведува политика на градење нуклеарни сили со цел „експоненцијално“ да го зголеми бројот на нуклеарно оружје, пренесе тамошната државна медиумска агенција „KCNA“.
Во говорот по повод годишнината од основањето на Северна Кореја, Ким истакна дека земјата мора подобро да ја подготви својата „нуклеарна способност“ да биде подготвена за употреба во секое време, со цел да се обезбеди безбедноста на земјата.
Ким додаде дека е неопходно силно воено присуство поради „различните закани што ги претставуваат САД и нивните следбеници“. Тој исто така изјави дека Северна Кореја се соочува со „сериозна закана“ од нуклеарниот воен блок предводен од САД во регионот.
Јужнокорејскиот заменик министер за одбрана, Чо Чанг Рае, заедно со неговите американски и јапонски колеги, ја осудија неодамнешната диверзификација на севернокорејските нуклеарни системи и тестирање на балистички проектили. На состанокот во Сеул, тројцата официјални лица ветија зајакнување на трилатералната соработка со цел да се зачува мирот во регионот и да се одвратат нуклеарните закани од Северна Кореја.
Тие се договорија и за одржување на нова заедничка воена вежба наречена „Freedom Edge“. Во меѓувреме, Јужна Кореја ќе одржи состанок на министрите за одбрана со членовите на Командата на Обединетите нации (UNC), пренесува „Reuters“.