С. Македонија депозитар на трите меѓународни договори потпишани во рамки на Берлинскиот процес

од Vladimir Zorba
128 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ги прими трите договори потпишани рамки на Самитот на Берлинскиот процес, на 3 ноември, од страна на шесте држави од Западен Балкан, за кои Северна Македонија е одредена како нивен депозитар. Оригиналните документи беа предадени од страна на Сузане Шуц, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското Министерство за надворешни работи.

„Доделената улога на депозитар на трите договори, согласно праксата на назначување на една земја „чувар” на договори потпишани од страна на повеќе земји претставува потврда за конструктивна улога на Северна Македонија во регионалните процеси и соработка, како и посветеноста на државата за јакнење на добрососедските односи, но и модел за изнаоѓање на позитивни решенија за надминување на отворените прашања“, нагласи Османи по тој повод.

Договорите се однесуваат на заемно признавање на универзитетски дипломи во рамките на Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан. Истите имаат за цел да ја зајакнат соработката помеѓу земјите во делот на реформските процеси, заедничките пазари и воедно да придонесат забрзан регионален економски раст и развој.

Берлинскиот процес како комплементарен на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан, има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите, отворена пазарна економија, забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ, унапредување на соработката, унапредување на културата на дијалог и културата на изнаоѓање на компромисни решенија кои имаат за цел да дадат автентичен придонес во европеизација на земјите од регионот.

Со применувањето на трите договори отпочнува конкретната имплементација на Заедничкиот регионален пазар.

Слични содржини