Министерката за одбрана, Славјанка Петровска вели дека од почетокот на руската агресија на Украина, Македонија е на „приоритетната листа“ на непријателските земји, кои што имаат за цел да направат вознемирување или дестабилизација на општеството, преку војната со пласирање на дезинформации.
-Ако го анализираме примерот на Министерството за одбрана и Армијата, ќе се види класичен пример за тие дезинформации. Се сеќавате на мојата прва изјава во која беше евидентна поддршката за Украина и веднаш започнаа нападите прво против мене лично, а потоа и против Армијата, кажа Петровска во емисијата „Топ тема“.
На прашањето на водителот, околу, како што кажа „мемињата дека Петровска ќе војува со Путин“, министерката вели дека не ги сфаќала лично.
-Тоа и не го сфаќав лично затоа што сфатив за што станува збор. Лично ми пречеа нападите и обидите да се омаловажи трудот на АРМ и предизвика вознемирување кај мене. Армијата не е на една партија, таа е симбол на државноста. Војниците не заслужуваат да бидат предмет на дезинформации, лаги, со цел да се поткопа довербата на граѓаните во системот, рече Петровска.