С. Македонија го зголемува буџетот за одбрана за 0,2 проценти од БДП во 2021 година

од Vladimir Zorba

Буџетот за одбрана за 2021 година изнесува 11 милијарди и 97 милиони денари или 1,57 проценти од БДП. Со предложениот буџет, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, се обезбедува континуиран пораст на Буџетот на Министерството за одбрана за 0,2 процентни поени, целосна воена интеграција во НАТО структурите, подмладување на персоналот во Армијата и подобрување на стандардот на припадниците на Армијата, финансирање на започнатиот процес на опремување и модернизација на Армијата, продолжување со обнова и реконструкција на објектите, како и уредување и осовремување на АП Криволак.

Шекеринска денеска на прес-конференција во Владата посочи дека Буџетот за 2021 година е буџет за одбраната на земјата како членка на НАТО-Алијансата.

– Годинава покажуваме дека обврските, стандардите, критериумите коишто сме ги прифатиле како земја членка на НАТО, ги почитуваме. Затоа Северна Македонија и оваа година го зголемува буџетот за 0,2 проценти од БДП движејќи се кон посакуваните 2 отсто, но годинава за првпат целосно ја исполнуваме втората обврска на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс, а тоа е повеќе од 20 проценти од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација, нагласи Шекеринска.

Министерката за одбрана наведе дека порастот на буџетот на одбрана за 0,2 процентни поени ќе продолжи и во 2021 година, но исто така ќе продолжи и во следните две години кога ќе се достигне нивото од два проценти од БДП што е и вториот дел од обврската што е преземена на Самитот во Велс.

Таа посочи дека за опрема и за модернизација на Армијата се издвоени над 20 проценти или поточно 25 проценти од вкупниот буџет.

– Армијата не можете да ја развивате само со инвестиции во опрема, со инвестиции во модернизација, во вооружување и во различни други сегменти, ако не вложувате во своите луѓе. Особено Армија како нашата зависи од инвестицијата што ќе ја направите во човечките ресурси. И затоа во изминативе три години фокусот на нашето внимание навистина беше состојбата со персоналот, особено во Армијата. Износот од 4 милијарди и 250 милиони во оваа категорија е за плати коишто во изминативе години ги зголемивме за најмалку 16 проценти, а во некои категории и повеќе и за подобрување на стандардот во Армијата, нагласи Шекеринска.

Таа информираше дека се направени опсежни анализи, преземале конкретни чекори, донеле измени во Законот за служба и други подзаконски прописи со цел навистина во овој период да се обезбедат квалитетни војници и старешини, да се зајакнат и да се подмладат кадрите на сите нивоа и да се зголеми интересот за воената професија.

– Процесот на подмладување и подобрување на кадарот во Армијата ќе го продолжиме. До крајот на оваа година во Армијата ќе имаме 270 нововработени професионални војници, а во 2021 овој број ќе се зголеми за уште дополнителни 200 со што уште еднаш ќе ја подмладиме структурата на армискиот кадар, особено во делот на професионалните војници, рече министерката за одбрана.

Шекеринска посочи дека планираат и прием на 54 нови офицери, од кои еден дел ќе дојдат од Воената академија, а еден дел со дошколување од цивилните факултети, особено во областите што се критични и важни за Армијата.

– Единаесет години во Армијата немало никаков конкурс, ниту курс за подофицери и тоа доведе во ситуација до ден денеска да имаме 456 подофицери помалку од бројката која што согласно структурата на Армијата ни е потребна. Неодамна заврши конкурсот за избор на кандидати и во следниве четири месеци ќе имаме два курса во коишто по 60 професионални војници ќе добијат шанса да бидат подофицери на нашата Армија. Со тоа во овој дел навистина ќе решиме еден проблем којшто траел една декада, потенцираше Шекеринска.

Слични содржини