Министрите за надворешни работи на САД и на 20 други земји денеска ги осудија масовните апсења во Куба и повикаа на целосно обновување на пристапот до Интернет во земја која неодамна ја тресат политички немири.
Издадено е заедничко соопштение од владите на САД, Австрија, Бразил, Колумбија, Хрватска, Кипар, Чешка, Еквадор, Естонија, Гватемала, Грција, Хондурас, Израел, Летонија, Литванија, Косово, Црна Гора, С. Македонија, Полска, Република Кореја и Украина.
„Демократиите ширум светот го поддржуваат кубанскиот народ, повикувајќи ја кубанската влада да ги почитува барањата на Кубанците за универзални човекови права“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен.
САД минатата недела воведоа санкции против кубанскиот министер за безбедност и специјалната единица на кубанското Министерство за внатрешни работи за кршење на човековите права за време на антивладините протести на почетокот на овој месец.
Демонстрациите беа организирани поради економската криза, начинот на кој Владата реагираше на пандемијата на коронавирусот и кршењето на човековите и граѓанските права. Стотици активисти беа приведени.