С. Македонија ѝ испраќа тенкови на Украина

од Nikola Popovski
693 прегледи

С. Македонија ѝ испраќа тенкови на Украина во вид на донација, информираа попладнево од Министерството за одбрана (МО) за „Локално“.

Според ресорот одбрана, станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”.

-Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија согласно донесените Одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Република Северна Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства.

Дополнително, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија. Имајќи ги во предвид, НАТО-одбранбено планирање, планот за модернизација и опремување на Армијата, би сакале да информираме дека во тек е проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување на Договори помеѓу Владите на Република Северна Македонија и САД (Писмо за понуда и прифаќање или Letter of Acceptance – LOA) со кодна ознака MK – B – UCC за набавка на ЛОВ Stryker. Пред некој ден пристигна и испораката на првите 6 ЛОВ JLTV во рамките на овој проект. Оваа испорака претставуваат сериозен исчекор во процесот на модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите и ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е наша НАТО единица како и замена на застарените тенковски капацитети кои нема да бидат дел од армиската формација, велат од МО.

Од таму додаваат дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија е во процес на рееформа и модернизација кој предвидува динамична набавка на современа техничко-технолошка опрема во согласност со цврсто определени приоритети, приоритети за остварување на соодветни НАТО-цели на способности во согласност со НАТО-утврдената методологија за доктринарност, организираност, обука и образование, материјална поддршка, лидерство, персонал, инфраструктура и интероперабилност.

-Наша главна цел е воспоставување на финансиски прифатлив и одржлив одбранбен сектор и модерна и флексибилна армија со нова структура и со намалена бројна состојба која ќе биде способна за извршување на одбранбените мисии од Уставот на Република Северна Македонија, националните стратешки документи и задачи произлезени од НАТО стратегискиот концепт, потенцираат од МО.

Кон крајот на февруари годинава, Владата објави дека се придружува на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ, и донесе одлука за донација на воени средства и опрема за официјалните вооружени сили на Украина.

Видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина.

Н.П.

Слични содржини