На предлог на Министерството за транспорт и врски беше усвоена и Одлука за учество на Република Северна Македонија во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд и Доброволниот привремен солидарен фонд на ЕУРОКОНТРОЛ (Европска организација за безбедност во воздушната пловидба).
Согласно Одлуката, Северна Македонија учествува во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија со износ од 105,396.00 евра и Доброволниот привремен солидарен фонд за поддршка на Естонија, Латвија, Литванија и Полска со износ од 108,340.00 евра, за обезбедување на средства за трошоци за одржливо функционирање на давателите на услуги на навигација на Украина, Молдавија, Естонија, Латвија, Литванија и Полска за 2022 година.
Како резултат на последиците кои ги донесе војната во Украина, на последната седница од Привремениот совет при ЕУРОКОНТРОЛ во јуни беа формирани овие солидарни фондови за поддршка со намена за одржување на трошоците за оперативниот кадар на контролите на летање на овие земји за 2022 година, односно обезбедување на континуитет на некомерцијалните јавни услуги за воздухопловна навигација.
Можноста за учество во фондовите е преку надоместоците за прелети кои се наплатени од ЕУРОКОНТРОЛ во име на Република Северна Македонија или директен придонес (донација) од државите во фондовите.
Владата на Република Северна Македонија jа разгледа Предлог – одлуката за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари – линиски инфраструктурни објекти на Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, за потребите на Подружница Енергетика – Скопје и Друштво за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, сопственост на Република Северна Македонија и се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје.