С. Македонија, Србија и Албанија планираат заедничка наплата на патарините

од Stefanija Kuzmanovska
286 прегледи

Правните служби на три претпријатија за наплата на патарини во Србија, Северна Македонија и Албанија работат на подготовка на договор за експлоатација на Open Balkans електронската наплата, а потпишувањето се очекува на почетокот на септември, најави Зоран Дробњак, директор на Патишта на Србија во изјава за „Танјуг“.

Според него, комплетниот развој на системот за електронска наплата во рамки на Отворен Балкан е планиран за крајот на летото, односно крајот на септември годинава.

Дробњак објаснува дека „Open Balkans електронската наплата на патарини (Open Balkans ETC) всушност е работа на воспоставување единствен систем на електронска наплата во Србија, Северна Македонија и Албанија“.

„Во претходниот период поминавме низ техничките карактеристики на трите наплатни системи – Србија, Северна Македонија и Албанија. Утврдено е дека споменатите системи се во согласност со препораките и директивите на Европската комисија која се занимава со наплата на патарини во Европската унија“, вели Дробњак.

Тој додава дека во моментов производителите на системи за наплата на патарини во трите земји – Институтот Михајло Пупин во Србија, Аселсан во Северна Македонија и Аутострада во Албанија работат на подготовка на потпишувањето на NDA договорот.

Слични содржини