Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информираше дека денеска е постигнат уште еден голем успех со потпишувањето на Договорот за обезбеденост со храна, со што е покажана вистинска грижа за својот народ.
-Денешниот договор ќе овозможи земјите членки на Отворен Балкан да си помагаат меѓусебно во случај на прекин на синџирите на снабдувањето на храна како последица од глобалната криза. Овој Договор е само почеток на една многу поголема идеја, а тоа е развивање на сеопфатен Акциски план за долгорочна обезбеденост со храна кој е проектиран до 2030 година, напомена Николовски.
Според него, со ова се реафирмира солидарноста како основен принцип на Отворен Балкан, се зајакнува регионалната соработка, се отвараат границите за непрекината трговска размена и се овозможува стабилен и непречен проток во снабдувањето на основните земјоделско прехранбени производи без никакви ограничувања.
Исто така, потпишан е Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура од Република Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска, од Република Србија Маја Гојковиќ и од Албанија Елва Маргарити. Во рамките на Самитот Отворен Балкан беше потпишан и Оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.
Овие договори и Меморандумот, уште повеќе ја зацврстуваат соработката на земјите од Отворен Балкан и нудат можност за зближување, зајакнување и обезбедување безбедна иднина за граѓаните на трите држави.