С. Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ

од Vladimir Zorba

Северна Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава. Веднаш потоа почнува скринингот кој ќе трае година и половина, а по завршување на тој процес, предвидена е следната меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот.

Во Софија вчера беше потпишан и билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министерите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.

-Бугарија е државата која најсилно ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија и Албанија. Им посакуваме успех на патот по кој долго време сакаа да тргнат. Се надевам дека со заеднички напори и со нашата поддршка ќе стигнат онаму каде што граѓаните на Северна Македонија најмногу сакаат да стигнат, а тоа е членството во ЕУ, изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска по потпишувањето на билатералниот протокол во Софија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, нагласи дека ова за нас е историска можност што после 17 години кандидатски статус, Република Северна Македонија добива можност да ги почне преговорите со ЕУ.

-Со ова почнува последната фаза од нашето пристапување во ЕУ. Се надеваме дека билатералниот процес со Бугарија и пристапните преговори ќе овозможат поблиска соработка меѓу нашите две држави. Очекуваме поддршка од Бугарија на овој пат, изјави Османи по потпишувањето на Протоколот.

Двајцата министри оценија дека е постигнат напредок во работата на петте секториски групи и она што треба да се направи е тоа да се преточи во пракса.

Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следеа откако завчера предлог-преговарачката рамка на француското претседателство со ЕУ беше одобрена од страна на Владата, по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание по Информацијата по овој документ.

Слични содржини