Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден следната недела ќе ја примат вакцината „Pfizer-BioNTech“ против КОВИД-19, објави во петокот преодниот тим на новиот лидер на САД.
Портпаролот на тимот Џен Псаки рече дека новоизбраната потпретседателка Камала Харис и сопругот Даг Емхоф исто така ќе ја примат вакцината следната недела.
Вакцината Pfizer-BioNTech се дава во две одделни дози, со растојание од неколку недели.
Веста дојде непосредно откако актуелниот потпретседател Мајк Пенс да ја прими првата од двете дози на вакцината во живо на националната телевизија во петокот наутро, заедно со неговата сопруга Карен Пенс и Џером Адамс, шефот на американската јавна здравствена служба. Вакцината Pfizer-BioNTech ја примија и Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом на САД и Мич Меконел, лидер на мнозинството во Сенатот.
Администрацијата за храна и лекови (ФДА) се очекува да дозволи итна употреба на вакцината „Модерна“ во петок.
Советодавниот одбор на ФДА за вакцини препорача итно одобрување во четвртокот, а комесарот Др. Стивен Хан кратко потоа рече дека здравствената агенција планира да ги следи препораките на одборот.