Соединетите држави бараат од Москва објаснување за „провокациите“ на границата со Украина, соопшти денеска Стејт департментот, по повод извештајот дека руските трупи се собираат во близина на Украина.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД ќе бидат загрижени доколку Русија направи некој потег што ќе ја заплаши Украина, без разлика дали е на руска или украинска територија, објави Ројтерс.
Коментарот на Прајс доаѓа по телефонскиот разговор во петокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот колега Володимир Зеленски, кој рече дека Украина има „безрезервна поддршка на Америка во конфликтот со руските сепаратисти“ на истокот од земјата.
Русија денес негираше дека движењето на руската армија претставува закана за Украина.