Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ги осуди плановите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и кипарските Турци за отворање на летното одморалиште Вароша (грчки: Фамагуста) на Кипар.
„Соединетите држави сметаат дека акциите на кипарските Турци во Вароша, со поддршка на Турција, се провокативни, неприфатливи и неспоиви со определбата за конструктивно учество во мировните преговори“, рече американскиот државен секретар во изјавата.
Турскиот претседател вчера рече дека „животот ќе продолжи“ во Вароша и ги повика кипарските Грци да бараат компензација за загубата на нивниот имот.
Одморалиштето е оградено со бодликава жица и недостапно уште од турската воена инвазија на Кипар во 1974 година.
За време на дводневната посета на северниот дел на Кипар, Ердоган рече дека „трајно и одржливо решение може да биде единствено можно“, имајќи предвид дека на островот „има две одделни држави и два одделни народи“.
„Порано или подоцна, меѓународната заедница ќе ја прифати оваа реалност“, рече Ердоган во пресрет на прославата на 47-годишнината од турската инвазија, што доведе до поделба на островот.
Со испраќање на мировници на ООН во 1964 година, Кипар беше поделен поради меѓуетнички конфликти. По државниот удар на приврзаниците на обединувањето на Кипар со Грција, Турција го окупираше северот населен со турско малцинство во 1974 година и ја прогласи „Турска Република Северен Кипар“.
Во 1983 година, Советот за безбедност на ООН донесе резолуција со која се прогласи за незаконско отцепувањето на кипарските Турци.
Европската унија, чиј член е Кипар, исто така ја исклучува можноста за создавање на две независни држави на островот.
Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес ја опиша изјавата на Ердоган како „очекувано повторување на неприфатливите позиции на Турција“, пренесе Бета.