САД ги разгледуваат потенцијалните закани од дигиталниот јуан

од Stefanija Kuzmanovska
345 прегледи

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден собира податоци за плановите на Кина да го користи дигиталниот јуан, а американските служби предупредуваат дека Кина може да ја ослаби глобалната улога и позицијата на доларот со помош на дигиталната валута, пишува Блумберг.

Цитирајќи извори од Стејт департментот, Министерството за финансии и Советот за национална безбедност, „Блумберг“ тврди дека во овие и други институции и агенции се активирани напори за разбирање на можните последици од користењето на дигиталниот јуан.

Некои американски официјални лица стравуваат дека употребата на дигиталниот јуан може да стане еден елемент на долгорочен напор за симнување од тронот на глобалната валута, смета „Блумберг“, додавајќи дека САД се особено заинтересирани за начинот на дистрибуција и заобиколување на дигиталниот јуан.

Исто така, додава весникот, Вашингтон ги анализира последиците од циркулацијата на дигиталниот јуан на глобалниот финансиски систем на долг рок.

„Блумберг“ тврди дека администрацијата на Бајден во моментов не планира никакви контрамерки против потенцијалната закана од кинеската дигитална валута.

Покрај тоа, додава тој, интересот за можностите за создавање дигитален долар расте во Вашингтон и веќе се разгледуваат правни чекори во таа насока.

Кина е еден од светските лидери во развој на сопствена дигитална валута, која може да биде достапна за употреба дури и без мрежен сигнал и Интернет. Во август минатата година, одделот за монетарна политика на Националната банка на Кина објави дека Кина спроведува внатрешно затворено тестирање на дигиталниот јуан во различни градови, но нема одреден датум за почеток на неговото спроведување.

Европската централна банка (ЕЦБ) исто така размислува за воведување на дигитално евро во следните пет години, но германската централна банка Бундесбанк се противи на ваквите планови, стравувајќи дека тоа може да претставува ризик за банките.

Прифаќањето на дигиталните валути во меѓународната трговија и плаќањата зема сè поголем замав и на крајот може да го загрози статусот на доларот како де факто светска трговска валута и да го наруши влијанието на САД, велат многу аналитичари.

Дигиталните валути не се очекува да ги истиснат класичните пари од употреба.

Слични содржини