САД ги укинаа санкциите за четири сојузници на Додик

Министерството за финансии на САД во петокот соопшти дека отстранило четири сојузници на поранешниот претседател на босанските Срби Милорад Додик од листата на санкции, објави денес Ројтерс. Овој потег беше пофален од Додик, кој води кампања за укинување на санкциите на САД против него.

од Vladimir Zorba
15 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ФејсТВ

Министерството за финансии на САД во петокот соопшти дека отстранило четири сојузници на поранешниот претседател на босанските Срби Милорад Додик од листата на санкции, објави денес Ројтерс. Овој потег беше пофален од Додик, кој води кампања за укинување на санкциите на САД против него.

Додик е санкциониран од САД и Велика Британија за попречување на условите од Дејтонскиот мировен договор со кој заврши босанската војна во 1990-тите, како и од неколку европски земји кои велат дека неговите сепаратистички политики го загрозуваат мирот и стабилноста во Босна, потсетува Ројтерс.

Според „Балкан инсајт“, лицата отстранети од списокот со санкции се началникот на кабинетот на претседателот на Република Српска, Даниел Драгичевиќ, генералниот секретар на Претседателството на Република Српска, Јелена Пајиќ Баштинац, директорката на Радио и телевизија на Република Српска, Џијана Миленковиќ и поранешниот началник на протоколот во Кабинетот на претседателот на Република Српска, Горан Раковиќ.

Сите четворица беа санкционирани во различно време за нивното учество во организацијата на Денот на Република Српска на 9 јануари, кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина двапати го прогласи за неуставен, потсетува „Балкан инсајт“.

Во меѓувреме, денес се очекува Република Српска да избере привремен претседател кој ќе го замени соборениот Милорад Додик.

Во февруари, државното обвинителство на Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и му забрани политичка активност во траење од шест години поради непочитување на одлуките на специјалниот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, потсетува Ројтерс. Додик, кој постојано покажува желба за одвојување на Република Српска од Босна и нејзино припојување кон Србија, одби да се повлече и продолжи да ги исполнува своите должности и да патува во странство во својство на претседател. Тој поднесе жалба на одлуката на судот до уставниот суд.

Според информациите од „Дневни аваз“, по веќе поднесената кандидатура на претставничката на босанските Срби во претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, утрово е примена уште една понуда за привремен претседател на Република Српска – Ана Тришиќ Бабиќ, советничка на Додик и поранешна заменик-министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина.

Привремената претседателка ќе биде на функцијата малку повеќе од еден месец, со оглед на тоа што предвремените претседателски избори во Република Српска се закажани за 23 ноември, потсетува изданието.