САД повикале одредени членки на Советот на Европа да го спречат влезот на Косово во таа организација додека Приштина не го промени ставот за формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), објави денеска српската редакција на „Euronews“.
Министерствата за надворешни работи на одредени европски земји добиле нота од амбасадите на САД во која се вели дека Вашингтон смета дека прашањето за влезот на Косово во Советот на Европа не треба да биде ставено на дневен ред на Комитетот на министри на таа организација, наведува „Еuronews“, кој се повикува на информации од дипломатски извори во Европа.
САД бараат прашањето за влезот на Косово во Советот на Европа да не биде ставено на дневен ред додека Косово не усвои „поконструктивна позиција“ за ЗСО и додаваат дека тоа „ќе го отвори патот за предлог за основен договор меѓу Белград и Приштина“, се наведува.
Се додава дека овој став на САД е координиран со Италија, Франција и Германија.
Во мај минатата година косовските власти поднесоа барање за членство во Советот на Европа.