Лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров е тргнат од листата на санкции на САД, е објавено на веб-страницата на американското Министерство за финансии.
Канцеларијата за контрола на странски средства објави црна листа на поединци на „Списокот на специјално назначени државјани“ (SDN) во кој се наведени поединци и организации со кои на американските државјани им е забрането да соработуваат.
Кадиров беше тргнат од оваа листа, но беше додаден на „листата со измени“ на американското Министерство.
Да потсетиме, американското Министерство за финансии на 15 септември ги додаде највисоките руски финансиски функционери, роднините на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и руски функционер за правата на децата на списокот со санкции. На списокот се најдоа трите сопруги на Кадиров и трите негови возрасни ќерки. Потоа, беа воведени дополнителни мерки и против чеченскиот лидер, кој е под санкции на САД од декември 2017 година.
Инаку, шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров, постави рекорд по бројот на наметнати санкции за кое било лице во светот, според потврдата што на Кадиров му ја врачил главниот уредник на Руската книга на рекорди, Станислав Коненко.
Кадиров неодамна го освои и рекордот за „најголем број наметнати санкции против лице, негови роднини и следбеници во светот“.
Шефот на Чеченија потоа истакна дека ги престигнал лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко и претседателот на Сирија, Башар ал Асад. Според Кадиров, од 2011 година досега се наметнати најмалку 70 ограничувања за него, неговото семејство, следбениците, средствата и организациите.